„Влезница во Куклица не се наплаќа, Општината нè тужи иако донесовме 400.000 евра“, тврди Димитровски од „Извор“
Милош Димитровски од Здружението „Извор“, еден од тужените во спорот за Куклица, тврди дека здружението две децении се грижело за локалитетот без проблем со ниту еден градоначалник, сè до актуелниот Тодорче Николовски.
Во изјава за Канал 77, Димитровски негира дека се наплаќа влезница за природниот локалитет кај Кратово. Според него, здружението волонтерски го одржувало просторот, кој бил запоставен од општината и од Музејот на град Кратово.
„Општината, односно градоначалникот сака објектот што е изграден преку нашиот проект ‘Информативен центар’ да му се предадат клучевите на него, а тој после приватно на кого сака да си го даде. Тоа нема да се случи и затоа имаме судски спор“, изјави Димитровски.
Од Општина Кратово претходно обвинија дека локалитетот бил бесправно узурпиран од Здружението „Извор“, Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Општинската установа „Музеј на град Кратово“ повела судски спор, а Основниот суд во Кратово во март пресудил локалитетот и дрвената куќичка да бидат предадени во владение на Музејот. Пресудата е обжалена.
Димитровски, пак, тврди дека дел од просторот опфаќа приватни парцели и дека здружението има нотарски заверен договор со сопствениците за трајна правна службеност.
„Ние имаме информативен центар изграден преку наш проект во самиот локалитет. Површината на локалитетот не е целосно на државата и на општината, има и приватни парцели“, вели тој.
Тој додава дека во Куклица, преку домашни и меѓународни донатори, биле вложени околу 400.000 евра, додека општината, според него, немала никаква инвестиција.
„Општината нè тужи за узурпација. Која е узурпација? Кој ги спречува нив да влезат да си вршат активности согласно законот?“, прашува Димитровски.
Во јавноста се прошири и видео во кое се тврдеше дека на посетители кај Куклица им биле барани 6 евра за паркинг. Димитровски вели дека влезница никогаш не се наплаќала, а за паркинг остава можност тоа да било на приватна парцела.
„Влезница никогаш не е наплатена, колку што сум информиран. Може да се наплати паркинг, ако некој наплатил. Иако и тоа не треба. Тоа си го прави во приватната парцела“, вели Димитровски.
Според него, наплата може да има само ако посетителите побараат дополнителна услуга, како туристички водич, но не и за сам влез во Куклица.
Куклица е заштитен природен локалитет и еден од најпознатите геоморфолошки феномени во земјата. Камените форми, познати како „камените кукли“ или „Весела свадба“, се прогласени за споменик на природата во 2008 година.
