ВЛЕЗ ВО ЕУ БЕЗ ПРАВО НА ГЛАС: Што вели претседателката за вакво решение?
Сиљановска-Давкова денеска потврди дека и таа е запознаена со идеите што се дискутирале во Брисел за забрзано пристапување на Украина во Европската Унија (ЕУ), заедно со Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, но без право на глас, а кои неодамна во телевизиско интервју ги откри премиерот Христијан Мицкоски.
Но, како што вели таа, не може да ги коментира, сè додека тие не дојдат на маса како официјален предлог. Во тој контекст таа се осврна на актуелниот начин на кој се носат важните одлуки во Европската Унија, а тоа е со консензус бидејќи земјите членки имаат право на вето.
Повод за ставот е актуелната дебата по пораките дека треба да се искористи моментот поврзан со напредокот на Украина и Молдавија кон ЕУ. Претседателката вели дека не се противи на уставни измени ако тие навистина се врзани за Копенхашките критериуми, за надминување дискриминација и за гарантирање малцински права.
Но, рече дека во систем на поделба на власта не дава совети дали и кога Собранието треба да ги усвои уставните измени, потсетувајќи дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Со тоа, политичката порака е јасна: одлуката е парламентарна, но очекувањето за гаранции останува државен став што повторно се потенцира.
фото Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова
