ВЛЕН со додадена вредност – ДУИ е поразен, но која е долгорочната визија?
Коалицијата Вреди (VLEN) конечно се обедини во еден политички субјект, односно се регистрираше единствена политичка партија, симболично на 9 мај, денот на Европа, што ја покажува нивната главна определба. Вреди успеа да му нанесе два изборни порази на ДУИ и нивната коалиција, но прашањето е која е долгорочната визија на новата политичка сила во албанскиот кампус, која веќе две години партиципира во централната власт и има најголем број на општини со мнозинско албанско население во Македонија?
Вреди ги обедини петте политички движења на Албанците во Македонија, а ќе биде управувана со двајца копретседатели – Изет Меџити од Европското движење и Биљал Касами од Движење БЕСА. Останатите највисоки раководни функции се поделени меѓу кадри од Алијанса за Албанците на Беким Сали и Алтернатива на Африм Гаши, и секако останува огранокот на движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.
Со тоа конечно се стави крај на обвинувањата на ДУИ и нивната коалиција НАИ дека проектот Вреди е пред распад, односно дека нема да успее да се издигне над суетите на поединечните лидери. Во пресрет на најавената владина коалиција Вреди исто така значително ги засили своите позиции прераснувајќи во стабилен партнер за премиерот Христијан Мицкоски. Така дел од „испразнетите“ владини ресори, како на пример функцијата на вицепремиерот Арбен Фетаи ќе можат да бидат пополнети со политичари кои ќе имаат јасен став во однос на владината коалиција, програма и делување.
Освен Фетаи, во Вреди како регистрирана политичка партија, нема да партипицира и Фатмир Лимани, сегашниот министер за труд и социјална политика откако влезе во конфликт со Биљал Касами, градоначалникот на Тетово и еден од најмоќните актери во новоформираната партија. Лимани важеше за многу близок соработник на Христијан Мицкоски и засега и натаму е дел од неговиот владин тим, но прашање е како таа соработка ќе продолжи по владината реконструкција, бидејќи зад него очигледно нема да стои повеќе Вреди.
Од друга страна пак, министерот за здравство Азир Алиу целосно застана зад програмата на Вреди и порача дека партијата ќе донесе нов правец во политичкото дествување на Алабанците во Македонија, но и воопшто на политичката сцена во земјава. Неговите заложби се насочени пред се во борбата против корупцијата и надминување на клиентелизмот.
Ваквото програмско позиционирање на Вреди како проевропска партија која ќе биде посветена на исполнување на клучните реформи, подгнување на стандардите во општеството и надминување на системската корупција може да бидат квалитетни политички наративи кои ќе ја подготват за настап кој нема да биде само анти-ДУИ и ќе и даде долгорочен идентитет во политичкиот спектар.
Кој ќе го има приматот „заштитник на Албанците“?
Секако, Вреди нема да остане имуна на вистинскиот притисок која доаѓа од албанската опоција во овој момент, а тоа се закочените европски интеграции, особено во контекст на напредокот кој Албанија како држава го оствари во преговорите за членство во Европската Унија.
Исто така Вреди ќе мора да преземе и повеќе чекори да ја увери албанската јавност дека со нивното партипицирање во власта со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не се случува дерогирање на Охридскиот рамковен договор, туку дека се задржува начелото на еднаквост и правична застапеност, но не преку „фиктивни рамковни вработувања“ туку преку квалитетно учество на Албанците во државните институции.
Тоа важи и во однос на заштитата на јазичните и културните права на Албанцитте во Македонија дека „под нивна“ стража не се случува асимилација туку зацврстување на албанскиот национален идентитет и нивната улога на конститутивен елемент на македонската држава.
Големи очекувања, ќе се избегнат ли и големи разочаравувња
На оваа влада и коалиција и преостануваат нешто помалку од две години, период во кој мора да се засили реформската агенда без притисок од наредните избори, и овие партии и политичари навистина да се вложат себеси за интересите на тие кои им ја дале довербата на гласачките ливчиња.
Електоратот покажа дека е подготвен на промени на политичката парадигма во Македонија која со децении се чинеше дека е „исклесана во камен“, и затоа очекувањата и барањата се високи, но и нивното разочарување може брзо да се казни, не само со испраќање во опозиција, туку и на буништето на политичката историја.
Х.С.