Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛЕН најавува одговорност за институциите што нема да ја почитуваат правичната застапеност

ВЛЕН најавува одговорност за институциите што нема да ја почитуваат правичната застапеност

ВЛЕН денеска соопшти дека предложениот закон за соодветна и правична застапеност ќе значи пресврт во начинот на кој институциите ја применуваат застапеноста на заедниците во јавниот сектор.

Од партијата велат дека ова право повеќе нема да зависи од политичка волја, од одлука на поединечен министер или од партиски договори, туку ќе стане законска обврска за институциите.

„Правичната и соодветна застапеност конечно станува закон. За првпат во историјата, ова право нема да остане само запишан принцип или политичко ветување, туку станува гарантирано, заштитено и задолжително за институциите“, соопшти ВЛЕН преку Албрим Хоџа.

Според партијата, клучна новина ќе биде формирањето Координативно тело, кое ќе го предводи првиот вицепремиер. Пред ова тело, како што наведуваат од ВЛЕН, извештаи ќе доставуваат сите институции, со цел да има следење, известување и политичка одговорност.

Од ВЛЕН најавуваат дека во рок од шест месеци од донесувањето на законот ќе се подготви методологија со која практично ќе се уреди примената на правичната застапеност, годишните планови за вработување и конкурсите. Методологијата, според соопштението, ќе се темели на последниот попис на населението.

Партијата посочува дека законот нема да се однесува само на вработувањата, туку и на унапредувањата во институциите. Со тоа, како што велат, треба да се спречи припадниците на заедниците да остануваат само формално вработени, без реална можност за напредување и учество во одлучувањето.

ВЛЕН тврди дека со законот се затвора и просторот за злоупотреби што, според нив, се појавувале со балансерот. Самоизјаснувањето, велат од партијата, нема да може да се користи како покритие за измама при конкурсите, а проверката ќе се врши врз основа на официјални податоци, вклучително и личната карта.

„Ако некој функционер не го почитува законот, ќе биде разрешен. Граѓаните не треба да плаќаат од буџетот за ничија неодговорност“, порачаа од ВЛЕН.

Предлог-законот за соодветна и правична застапеност е ставен на дневен ред на 104. седница на Собранието, во прво читање. Според собраниската агенда, седницата е закажана за 10 јуни.

Претходно, Комитетот за односи меѓу заедниците одлучи законот да се носи со „мал Бадентер“, односно со мнозинство од присутните пратеници и мнозинство од присутните пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници. Одлуката беше донесена со 11 гласа „за“ и два гласа „против“.

Опозициските партии на Албанците и Албанската лига бараа законот да се носи со „голем Бадентер“, но тој предлог не доби поддршка. ВЛЕН, пак, смета дека забелешките треба да се преточат во амандмани, наместо процесот да се блокира на процедурално ниво.

Овој закон доаѓа по укинувањето на балансерот, дигиталната алатка што со години се користеше при вработувања во јавниот сектор. Според власта, новото решение треба да обезбеди поширока и поцврста правна рамка за застапеноста на заедниците во институциите.


Слично

Поврзани вести