ВЛЕН: Гаши беше принуден да постапи непопуларно, СДСМ ја блокира државата
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, објави дека нивната пратеничка група целосно се повлекува од собраниската комисија која расправа задолжување на земјата од 260 милиони евра кај странски банки за да се покрие буџетската дупка и да се поделат плати, и најави кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради кршење на Деловникот.
Филипче тврди дека Владата на Христијан Мицкоски ја води државата кон должничко ропство. Како последен пример го посочи обидот за земање заем од 300 милиони евра од домашните банки, кои наместо бараната сума, одобрија кредит од 260 милиони евра со каматна стапка од близу 4,5%. Според него, ова покажува сомнеж во домашниот кредитен рејтинг.
Од ВЛЕН се огласија дека целосно застануваат зад претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој според неговата партија „за да избегне блокирање на државата заради дневна политика е принуден да влече непопуларни потези кои му ги овозможуваат Уставот и Деловникот“.
„Без да се мешаме во состојбите во македонскиот политички блок, изразуваме жалење што СДСМ во обидот да ја врати изгубената доверба од граѓаните на дневна основа создава нови и нови политички соперници.
Ваквата анти народна политика на раководството на СДСМ е доказ за нивното лицемерие. Актуелната Влада раководи со државата едвај две години, период во кој најмногу се занимава со нерешените прашања и долгови кои во наследство ни ги остави претходната Влада. Ова раководство на СДСМ исто како она на ДУИ само заради тоа што не се власт со сите сили се обидуваат да ја блокираат државата, правејќи се наудрени дека тие немаат одговорност за ништо. ВЛЕН нема да дозволи опструкции на државата заради кои ќе страдаат граѓаните. А СДСМ треба да и одговори на јавноста дали станува второто лице на ДУИ?“, соопштија од таму.
