Влатко Ѓорчев до Шекеринска, Спасовски, Лика и Османи: Откажете се од зголемувањата
Пратеникот Влатко Ѓорчев и можен кандидат за претседател на Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ побара од петте заменици-премиери на Владата да се откажат од најавуваните зголемувања на своите плати за по 8.000 денари.
Неговиот предлог да се стави оваа точка на дневен ред на собраниската седница не беше прифатен. Тој вели дека најавените измени на Законот за плати на именувани функционери се неблагодарни кон граѓаните.
– Власта е забегана, не води сметка за граѓаните. На Радмила Шекеринска, Кочо Анѓушев, Оливер Спасовски, Бујат Османи и вицепремиерот кој не доаѓа на работа Хазби Лика како да им се малку 70.000 денари па се предлага платите да им се зголемат за по 8.000 денари. Со ова власта покажува дека и се важни само сопствените интереси. Ги повикувам, Анѓушев, Шекеринска, Спасовски, Османи и Лика откажете се од зголемувањето на платите за 8.000 денари. Срамота е – рече Ѓорчев.
Со ова законско решение треба да се зголемат платите на вицепремиерите за економски прашања, односно за евроинтеграции - Кочо Анѓушев и Бујар Османи, на владиниот функционер задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Хазби Лика, како и на министрите за внатрешни работи и за одбрана - Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска.
