Економија, финансии, бизнис

Контакт

Власта сака да се бори со лажните вести, но дали знае како!?

Власта сака да се бори со лажните вести, но дали знае како!?

Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан се затвори со дебатата за лажните вести, по кој што може да се заклучи дека власта е цврсто решена да влезе во борба со овој негативен феномен, но без конкретни убедувања со кои средства ќе се справи.

Засега останува мислењето дека ќе се чека да се види како ќе биде спротивставувањето во глобалните текови, додека на самитот се споменаа и едуцирање на населението , проверувачи на факти и одговорност на он-лајн платформите.

Напоменато беше дека порталите преку социјалните мрежи се главните извори на лажните вести, но Роберт Поповски, министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, вели дека Владата засега не може да интервенира во ова законски-нерегулирано подрачје.

- Во новиот закон ќе се третираат Агенцијата за медиуми и јавниот сервис, додека за порталите би можело да се разговара во некој друг закон. Ако сакаат, ние можеме да ги регулираме законски, но само доколку тие се сложат. Не планираме со сила да интервенираме - изјави Поповски за „Фактор“.


На самата дебата на самитот, како модератор на истата, лажните вести ги искоментира и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

- Тие предизвикуваат поголеми емоции и делуваат изненадувачки. Моите сознанија велат дека делуваат шест пати посилно од оние вистинските - рече шефот на македонската дипломатија.

Метју Џејкобс од Бирото за Европа и Евроазија од американскиот Стејт департмент, новинарката и филмски продуцент Рејчел Рајт од Би-би-си, Ерик Брнс, комуникациски и медиумски стратег, Паоло Чезарини од Европската комисија и истражувачката новинарка Сашка Цветковска со своите ставови беа преостанатите гости во дискусијата.
А.К.



Слично

Поврзани вести