ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА РАЗЛИЧНО ЈА ТОЛКУВААТ ИЗЈАВАТА НА ГАБРИEЛ: Mицкоски вели дека власта лажеше дека уставните измени се последна пречка
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бугарската министерка за надворешни работи, Марија Габриел им ја плесна вистината, односно како што рече власта лаже дека уставните измени се последна пречка.
Вели дека тој и партијата цело време предупредуваат за истото.
„На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи и Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка, не е последната“, рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека ова е само почеток на проблемите што следуваат затоа што без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишаа договор со цел да го завршат својот проект две години власт.
„Од друга страна, видовме дека правилото на едногласие во рамките на ЕУ се замени со правило на празен стол или правило на недостаток на еден член. Очекувам дека и ЕУ, но лидерите, доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ и да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении, каде што Македонија, македонскиот идентитет и народ се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики, ќе ве потсетам – сѐ тоа почна со ветото што го добивме поради спорот за името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека набргу ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија ќе ги почне преговорите, она што ѝ припаѓа многу одамна“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека имаме многу внатрешни проблеми, а што се однесува до оние отстапки што се направија, сите заедно членки на ЕУ ги немаат направено.
Премиерот Димитар Ковачевски е уверен дека уставните измени остануваат клучни за продолжување на евроинтегративниот пат на Македонија.Oд официјална Софија вчера соопштија дека уставните измени не се единствен услов.
Но, министерот за надворешни работи, Бујар Османи пак, вели дека преговарачката рамка е гаранција дека уставните измени се единствен услов за Македонија. За вицепремиерот Бојан Маричиќ, изјавата на Габриел била политички став. Кажа дека договорот за добрососедство и протоколите не се обврска од кои зависи отворањето на поглавјата.
Македонија не ги почна преговорите со ЕУ. Но, Украина и Молдавија стартуваа со преговори. Грузија стана земја кандидат.
