Власта ги стиши бунтовниците со изгласани два-три закони
Владеачкото мнозинство со два изгласани закони синоќа во Собранието задоволи дел од критичната маса кај која што вообичаено во јавноста беше изложена на забелешки за пасивност.
Беа изгласани законските измени со кој беше забранет увозот на отпад кој се користи како извор на енергија, што наиде на поздрав кај еко-активистите пред најавеното распуштање на законодавниот дом на 12 февруари и предвремените парламентарни избори. Собранието ги усвои измените на Законот за управување со отпад, предложени од пратеничките на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска. Законот е усвоен со 62 гласа „за“ од 102 присутни пратеници.
- Забраната за увоз на отпад како гориво се изгласа попладнево во Собрание. Ова беше едно од барањата на Зелен Фронт за кое континуирано вршевме притисок и лобиравме, за да вроди со плод попладнево. Седницата не беше закажана за денеска, но очигледно притисокот го направи своето, па претседателот Талат Џафери ја стави на дневен ред и конечно пратениците ја изгласаа законската измена. Од 102 присутни, 62 гласаа ЗА. Продолжуваме понатаму!, искоментира О2 Иницијатива.
Дополнително, се се бришат каматите за долговите на граѓаните кон јавните претпријатија направени до крај на 2017 година. Според законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите и трошоците, со кој се бришат каматите на сите предмети дадени на извршување од страна на јавните и државните претпријатија, доверителите се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг.
- Морам да го пофалам нашето движење „Стоп за извршителите“ за новата победа- бришењето на каматите на долговите кон јавните претпријатија. Наша е победата, како и за одбивање на една петтина од пензија или плата, во контекст на извршувањето (до сега беше една третина). Браво другари!, објави активистката Ана Глигорова.
Покрај овие две законски решенија, предизборно беше изгласан и Законот за субвенциониран студентски оброк. Споре дистиот, предвидени се 2.400 денари месечно за секој студент за студентски оброк, но за тоа дополнително треба да бидат склучени договорин со рестораните.
