Владо Јовановски побарал на јавна седница во Апелација да се разгледа жалбата за притворот
Актерот Владо Јовановски побарал јавна седница од Апелациониот суд на кој ќе се разгледува неговата жалба за продолжување на притворот за уште 30 дена.
Јавна седница бараат и Оливер Поповски од шестата управа, како и Горан Ѓошевски од обезбедувањето на Трајко Вељановски.
Во Апелација пристигнале осум жалби по однос на одлуките од Кривичниот суд. Судот пред една недела одлучи да им го продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието на 27 април.
Откако ќе се комплетираат жалбите ќе бидат закажани и јавните седници, наведуваат од Апелација.
Рокот за поднесување на жалбите тече затоа што дел од адвокатите на осомничените на кои им беше продолжен притворот уште ги немаа добиено решенијата од Кривичниот суд.
