Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владиниот авион најмногу летал до Будимпешта, Мицкоски има најмалку летови

Владиниот авион најмногу летал до Будимпешта, Мицкоски има најмалку летови

Релацијата Скопје – Будимпешта е најчесто користена дестинација на владиниот авион во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година, односно откако ВМРО-ДПМНЕ ја формираше Владата, објави телевизија Телма.

Според документите обезбедени од Службата за општи и заеднички работи при Владата, во наведениот период дури седум пати се летало кон главниот град на Унгарија. Меѓу министрите, најчесто во владниот авион се возел министерот за транспорт и врски и заменик-претседател на Владата, Александар Николовски, кој го користел авионот 11 пати, од кои најголем дел летови биле токму за Будимпешта.

Во документите се наведува и случај кога владиниот авион бил испратен на сервис во германскиот град Нирнберг на 12 јануари минатата година, по што продолжил кон Будимпешта, каде го презел Николовски и се вратил во Скопје. Министерот со владиниот авион патувал и во Лондон, Прага и Виена, како и на релацијата Скопје – Истанбул, со меѓуслетување во Охрид. Во дел од делегациите бил и поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски.

Премиерот Христијан Мицкоски го употребил авионот три пати: за Будимпешта, Тирана и Сплит, а евидентиран е и лет Скопје–Белград без целосни податоци за патниците. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, користел летови до Ротердам, Белград и Стразбур, а летови со авионот имале и министерката за енергетика Сања Божиновска, министерот за локална самоуправа Златко Перински, министерката за образование Весна Јаневска и поранешниот министер за животна средина Изет Меџити.

Повеќе летови од Николовски реализирала само претседателката Гордана Силјановска Давкова, која во истиот период го користела владиниот авион 13 пати. Нејзините патувања опфаќале регионални дестинации како Тиват, Подгорица, Тирана, како и летови до Рим, Истанбул и Копенхаген.


Слично

Поврзани вести