Владин проект: Европски пензионери во македонски старечки домови
Со почетна цена на земјиштето од 1 евро за квадрат, намалена ценa за комуналиите од 95 проценти, но и со поволни кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот, ќе се стимулира изградба на приватни детски градинки и домови за стари лица. Како што информира вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, ќе се менуваат и закони, за ваквите домови да може да ги користат и странци.
Пешевски вели наскоро, ќе се спроведува поширока промоција на овој пакет поволности и за македонските , но и за странските инвеститори пред кои ќе се понуди уште поголема палета за можни инвестиции во земјава.
„Надоврзана со активностите кои се спроведуваат за промоција на туризмот односно на природните убавини, традиционална храна и се друго што е предност на Македонија, како и пониските цени во однос на другите пазари очекуваме и ниските цени во установите за стари лица очекуваме позитивно да влијае на здравствениот туризам“, изјаи вицепремиерот Пешевски кој уверува дека ниската цена на сместување во приватните домови во земјава, споредена со онаа во ЕУ комбинирана со добрата клима, природа и храна, ќе ги заинтересира старите Европјани во дом да се сместат во Македонија.
Од друга страна, вели Пешевски , со пакетот мерки за изградба на приватни детски градинки странските инвеститори кои веќе имаат изградено и отворено фабрики со поголем број на вработени во слободните индустриски зони, ќе можат да одлучат во рамките на зоната сами или со партнер, да отворат детски градинки.
Во овие градинки, смета вицепремиерот, децата на вработените во фабриките, ќе бидат згрижени по субвенционирани цени во временски периоди кои одговараат на работодавачите и вработените.
На прес конференцијата говореше и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој појасни дека законските измени ќе бидат готови наредните два месеци и очекува голем интерес за инвеститорите.
Тој најави дека е отворен е кол центар на телефонскиот број 15505 за сите потенцијални инвеститори, а можат да се обратат и на email адресата investicii@mtsp.gov.mk.
„Ќе се формира посебен тим кој ќе ги координира активностите, а ќе биде формирана и листа на слободни и подготвени локации на градежно земјиште во Македонија со намена изградба на приватни градинки или старски домови, како и листа на стари и неискористени објекти кои ќе можат да се продадат и преадаптираат за оваа намена“, рече Спасов. Во Македонија веќе има 15 приватни старeчки домови и пет приватни детски градинки.
Слично
