Владимир Талески две години во куќен притвор, се најавува термин за судење
Екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески. е осуден на 8 години затвор за случајот „Транспортер“, но две години е во куќен притвор. Скопскиот апелационен суд најавува нова одлука наскоро.
Од 31 март 2020 година Талески е во куќен притвор во семејниот стан во Битола, а корона кризата го одложи спроведувањето во Шутка, иако праксата е за повисоките казни од пет години осудените да бидат притворени во затворските установи.
Во изјава за „Независен“, судијата Татјана Дуковска, одговорна за прашања во врска со предмети од кривичниот отсек, вели дека се постапува по предметот и ќе се одлучи набрзо.
„Се работи на предметот, судот постапува, иако не можам да дадам точна временска рамка кога ќе биде, сепак би требало за скоро да се одлучи. Ова е обемен предмет со многу обвинети. Значи постапката е во тек, ќе биде, ќе се одлучи“, вели Дуковска за „Независен“.
За случајот „Транспортер“ на поранешното СЈО, покрај Талески, на 6 ипол години затвор е осуден и поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, а со ефективни затворски казни (од 2 години и два месеци до 3 години) се и најголем дел од превозниците кои го вршеле превозот.
