ВЛАДИКА НАУМ: Следниот чекор е заедничко служење на светата литургија
Следниот чекор е заедничко служење на светата литургија со што заедно во пракса ќе ја исполниме одлуката на БПЦ со која таа прифати да биде црква мајка на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, вели струмичкиот митрополит Наум во интервју за бугарската агенција БГНЕС прашан за тоа кои се следните чекори меѓу двете цркви.
„Ако двете цркви заедно не служат света литургија, тогаш каков и да има договор меѓу нив или еднострани дејствија тие нема да имаат смисла, ниту содржина. Нашата црква и сега е многу благодарна на БПЦ за крстот кој го презеде со одлуката да не претставува, да се застапува за нас и да ни помага да бидеме дел од православниот свет. Но, смирено чекаме тој крст да ни донесе воскресната радост од заедничкото причестување со светите Христови тајни од еден ист путир. Ние очекуваме овој заеднички чекор да се случи многу скоро. Деновиве испративме писмо до неговата светост патријархот Неофит со братски повик за заедничко служење на светата литургија“- вели митрополитот струмички Наум.
Вели дека последниот збор се разбира ќе го има вселенскиот патријарх Вартоломеј затоа што таков е редот во Православната црква.
