Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владејачкото мнозинство поднесе иницијатива за формирање Анкетна комисија за „Пулс“ и за други трагедии, таа на СДСМ и Левица вратена на доработка

Владејачкото мнозинство поднесе иницијатива за формирање Анкетна комисија за „Пулс“ и за други трагедии, таа на СДСМ и Левица вратена на доработка

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ денеска до Собранието поднесоа Иницијатива за формирање Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во земјата. 

Иницијативата на СДСМ и Левица за Анкетна комисија за случајот „Пулс“, по барање на родителите на загинатите деца од Кочани, денеска по координацијата со пратеничките групи претседателот на Собранието Африм Гаши ја врати на доработка.

Целта на оваа Анкетна комисија, како што изјави на прес-конференција пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, е утврдување на одгвоорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапување на институциите за пожарот во дискотеката во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија. 

Стојаноски рече дека на иницијативата се потпишани 77 пратеници и оти тоа е доказ дека тие не сакаат да ги политизираат овие трагични настани туку дека сакаат да помогнат засегантите да добијат правда.

- Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи случаи треба да го добијат неопходниот епилог, рече Стојаносски. 

Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови од ВМРП-ДПМНЕ, по двајца од СДСМ, Европски фронт и Вреди и по еден од ЗНАМ и од Левица, а со неа би претседавал пратеник од редовите на опозициските партии. 

Стојаноски објасни дека форматот, односно составот е клучната разлика, што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото. 

-Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случувањата односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани, рече Стојаноски. 

Секоја пратеничка група има право да предложи листа на сведоци и експерти, а секој поканет експерт има обврска да се појави пред пратениците. Стојаноски рече дека за секој од случаите поединечно ќе бидат изготвени заклучоци коишто потоа ќе се доставуваат до Владата и Јавното обвинителство. Во однос на тоа како временски би се одвивале активностите на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тоа е уредено со Деловникот на Собранието, а за тоа кој случај ќе биде приоритетен треба да биде договорено на координацијата на оние што ќе бидат дел од Анкетната комисија. 

- Максимум 45 дена треба да има од почетокот до крајот на анкетната комисија, а во рок од 30 дена треба да биде изготвен извештај и да биде пратен со пратениците и институциите, изјави Стојаноски. 

Тој ги повика и пратениците од другите политички партии да приклучат кон оваа иницијатива и активно да придонесат во нејзината работа. 


Слично

Поврзани вести