Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата тргна во потрага по пари за новиот клинички центар

Владата тргна во потрага по пари за новиот клинички центар

Владата тргна во потрага по пари за изградбата на новиот Клинички центар, кој ќе чини околу 500 милиони евра. Банката за развој при Советот на Европа, како и Европската инвестициона банка се меѓународните финансиски институции од кои се планира да се земат заемите. 

„Владата ја разгледа и усвои Информацијата за финансирање на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје со заеми од Банката за развој при Советот на Европа и Европската инвестициона банка и го задолжи Министерството за финансии да достави известување до Банката за развој при Советот на Европа и Европската инвестициона банка дека Владата е подготвена во соработка со двете банки и да ги преземе сите потребни активности за исполнување на нивните предуслови за Проектот за изградба на Универзитетски клинички центар во Скопје“, се вели во соопштението од владината седница.

Неодамна во интервју за Фактор, министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека опциите за финансирање ги разгледуваат во Министерството за финансии и таму преговараат со потенцијалните финансиери. Додека, пак, од Министерството за здравство го димензионираат процесот во смисла на потребните капацитети, кревети, опрема, проток на пациенти. 

„Иако звучи голема сумата, мислам дека тоа е една од најдобрите инвестиции што ќе се направи во нашиот здравствен систем , а тоа ќе ја покрене и економијата. Но само таков модерен објект е вистинска инвестиција за нашите пациенти. Треба да им служи за следните години, за следните децении. Таков стандард на услуги не можеме да постигнеме со доградување и реновирање. Се знае каков е стандардот и какви се болниците во светот“, рече Филипче.

Тој тогаш нагласи дека фазата на евалуација е завршена, па останати се две компании германската Vamed и француската Bouygues construction. 

Во општината Ѓорче Петров треба да се стартува со локалните работи, пристапен пат, струја вода, локална инфраструктура.


Слично

Поврзани вести