Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата со маркети, добавувачи и производители ќе бара начин инфлацијата во јули да остане под 3 проценти

Владата со маркети, добавувачи и производители ќе бара начин инфлацијата во јули да остане под 3 проценти

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека вчера била одржана работна средба со претставници на најголемите маркети во државата, на која се разговарало за инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи.

Според неговата објава, во наредниот период треба да следат средби и со добавувачите и производителите. Целта, како што наведува Мицкоски, е преку заеднички пристап годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под 3 проценти.

Ова доаѓа по вчерашната изјава на премиерот дека Владата очекува намалување на цените на основните прехранбени производи, а доколку тоа не се случи, најави дека институциите имаат механизми за реакција. Тој тогаш посочи и дека ќе се прават споредби со цените во регионот и со цените во домашните маркети.


Засега не се соопштени конкретни мерки, ниту кои производи би биле опфатени доколку Владата одлучи да интервенира. Не е прецизирано ниту дали би се одело со ограничување на маржи, засилени инспекциски контроли или друг тип мерки.

Последните официјални податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во мај трошоците на живот биле повисоки за 4,8 проценти во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало пораснале за 5,6 проценти. Тоа значи дека најавената цел за инфлација под 3 проценти во јули би подразбирала дополнително забавување на растот на цените.

„Владата останува посветена на мерки што го штитат животниот стандард и обезбедуваат поголема сигурност за граѓаните“, наведува Мицкоски во објавата.

Слично

Поврзани вести