Владата со хуманитарни летови ќе ги „прибира“ македонските државјани од странство, веднаш одат во државен карантин
Со хуманитарни летови час поскоро Владата ќе ги „собира“ сите македонски државјани што се „заробени“ во некоја од странските држави. Тие веднаш ќе бидат сместени во државен карантин, каде задолжително ќе поминат двонеделен период на изолација.
Еве какви заклучоци донесе Владата на седницата која заврши доцна синоќа:
На оваа седница беше разгледана и информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на наши државјани кои оваа ситуација ги затекна во други држави. За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.
Владата ја разгледа Информацијата за активностите за справување со затекнатите државјани на Република Северна Македонија во странство, со Предлог – одлука, ја усвои Информацијата и го донесе новиот текст на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови.
Владата формира работна координативна група, со која да раководи д-р Драги Рашковски, генерален секретар, и во состав: Пеце Мирчески, директор на Службата за општи и заеднички работи и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи, со цел обезбедување на логистичка поддршка и операционализирање на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на земјава вратени од странство со хуманитарни летови и условите на преземање и транспорт на лицата до објектите во кои ќе бидат сместени овие лица во државен карантин.
Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.
Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата, и тоа секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот.
Периодот во кој овие лица ќе бидат сместени во државен карантин да биде најмалку 15 дена, веднаш по нивното слетување.
Лицата кои ќе бидат сместени во државен карантин да бидат по едно до две лица во просторија.
Храната за овие лица да се дистрибуира директно до просториите, а хигиената во истите да ја одржуваат сами.
„За ова, доколку е потребно, се задолжуваат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда да подготват предлог – уредба со законска сила во која правно ќе се нормираат овие заклучоци“, се вели во владиното соопштение.
