Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата се уште вади преплатени книги од магацинот на МОН од проектот „1050 стручни и научни наслови“

Владата се уште вади преплатени книги од магацинот на МОН од проектот „1050 стручни и научни наслови“

И натаму со владини одлуки се вадат стотици книги од магацинот на Министерството за образование и наука од проектот „Превод на 1050 стручни и научни наслови“ кои се испечатија во 2008 и 2009 за околу 20 милиони евра и се уште некои не се ниту еднаш употребени, иако чинат и повеќе од 200 евра по парче.

Месецов стотици примероци од дузина преводи од познати странски универзитети се превземени од МОН и доделени на локалната библиотека во Велес, националната библиотека во Тетово, јавната во Кавадарци, градската во Прилеп, Домот на култура во Кичево. 

Дела изработени во просек по цена од неколку илјади денари по парче Владата започна да ги изнесува како натрупани и преплатени од министерството со одлуки уште на крајот од 2017 и да ги предава на користење на разни институции и установи -  од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, во национални културни центри, локални установи, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ на Град Скопје и универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ во главниот град, факултетите при УКИМ, а најмногу, по стотици примероци по дело на македонски и албански јазик, доби тетовскиот универзитет. На Генералниот секретаријат на Владата му биле дадени дури по 26 примероци од 30-тина дела на странски автори, а некои од нив чинеле по 300 евра од книга.

Дури по пет преводи на албански јазик по книга добиваа општинската библиотека во Радовиш и во домовите на културата во Македонски Брод и во оној на Берово. Стотици специјализирани книги за медицината во повеќе десетици примероци, преведени на македонски и албански, беа доделени на Домот на културата „Злетовски Рудар“ во Пробиштип. Стотици специјализирани изданија за медицината, педагогијата и земјоделството добил и културниот дом во Ресен и Свети Николе.  Иако станува збор за многу мали населени места, добивале по десетици примероци од едно стручно дело од областите на медицината. Книги биле пренесувани и во Гевгелија, Гостивар, Охрид, Прилеп и Кочани, Виница и Демир Хисар, како и Министерството за труд и социјална политика, МАНУ и Собранието. По 130 преводи од едно дело на македонски и по 60 на албански јазик било предвидено да му припаднат на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Во 2018 пренесувањето продолжи во Куманово, Велес, Виница и Валандово, Крива Паланка, Делчево, Крушево, Пехчево и Неготино, како и на факутетите на државните универзитети, но и во други државни институции. како Институтот за национална историја и Институтот за македонски јазик, Институт за македонска литература во Скопје итн. Стотици книги, меѓу кои и од областа на педагогијата и уметноста, требало да превземе Хидробиолошкиот завод во Охрид. Книги биле наменети и за други министерства и установи. Во меѓувреме магацинот се ослободува со испраќање на нови адреси, но и со превземање од веќе споменати места.

Илјадници книги од проектот „Превод на 1050 стручни и научни наслови од странски автори“ и годинава продолжија да скапуваат во магацините на Министерството за образование и наука. Владата уште одамна го задолжи МОН да подготви план за тоа како ќе постапи со книгите. Во меѓувреме од таму рекоа дека со владини одлуки ќе се одредат институциите каде ќе бидат дистрибуирани преостанатите книги.

Книгите од капиталниот проект „Превод на 1050 книги и научни наслови од престижни универзитети”, започнаа да се печатат пред повеќе од десет години од неколку издавачки куќи. Станува збор за повеќе од 700 наслови во тираж од 1.000 оримероци по книга, кои првенствено беа наменети за факултетите и библиотеките со стручна и научна литература.

Проектот беше замислен како поголема достапност на учебниците од врвните универзитети до македонските студенти и научни работници. Проектот заврши во првата половина од 2017.

Новата Влада паралелно се ослободуваше и од книгите од проектот „Светско книжевно богатство“ кои беа во сопственост на Министерството за култура и ги доделуваше исто така на несоодветни адреси само колку да се не стојат во депоата.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести