Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата се дообјаснува за пописот: Какви податоци ќе може да се дадат за лице во странство

Владата се дообјаснува за пописот: Какви податоци ќе може да се дадат за лице во странство

Откако се разгоре политичката битка во јавноста за тоа кои податоци може да ги даде лице за друго лице кое е во странство - денеска од Владата испратија соопштение. Сепак и во ова објаснување нема детали дали во име на друг може да се даваат податоци за верската и етничката припадност. Ова беше тема на дебата откако вториот директор на Државниот завод за статистика Илми Селами тврдеше дека лицето ќе ги дава сите податоци, а директорот на заводот на прес конференција тврдеше дека тие податоци се лични и може да ги даде само лично тој што се попишува.

„За лицата со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, кои за време на Пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во Република Северна Македонија, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица.  За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. Давателот на податоците е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, како и соодветен документ од кој ќе може да се преземе неговиот ЕМБГ (со што ќе ја гарантира точноста на дадените податоци). При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци, стои во соопштението од Владата.

Додаваат дека попишувањето на лицата државјани на Република Северна Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот 2021 живеат односно престојуваат во странство ќе се врши по пат на самопопишување односно саморегистрација преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.

Услов за да се самопопишат е точниот Единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).

Пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на луѓето кои заминале, нивното образование, возраст, со цел преземање политики и социо-економски мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата. Овие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места во однос на побарувачката на пазарот на трудот, креирање напредни младински политики и спречување на т.н „одлив на мозоци“, односно заминување на високо обучени и квалификувани луѓе, стои во соопштението. 

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека власта е дезориентирана, а Заев не може да го усогласи директорот со заменик директорот на Статистика, а не пак да го попише населението. 

„Од авион се гледа дека пописот се турка аматерски и поради политички причини. Самата институција – Државниот завод за статистика е во клинч сама со себе. Директорот на статистика со спротивен став во однос на заменик директорот кои имаат различно мислење за попишување на дијаспората и нивните верски чувства. Едниот вели ќе се диктираат од страна на роднините, другиот вели тоа не е можно, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 


Слично

Поврзани вести