Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛАДАТА РАСПАЛИ СО ВРАБОТУВАЊА: објавен оглас за пополнување на 18 позиции, наместо намалување, државната администрација расте

ВЛАДАТА РАСПАЛИ СО ВРАБОТУВАЊА: објавен оглас за пополнување на 18 позиции, наместо намалување, државната администрација расте

Изминативе месеци редовно објавуваме за нови огласи за вработување во некои од државните институции, иако со месеци се зборуваше дека во државните институции има вишок на вработени и треба да се бараат решенија за нивно намалување.

Наспроти ветувањата за намалување на државниот ешалон, огласите не стивнуваат и секојдневно се објавуваат нови... Најнови во листата се огласите на Владата на  Македонија, која објави огласи за други 18 различни работни позиции, а притоа со дел од огласите ќе се ангажираат две лица.

Огласите откриваат дека платите за овие различни позициите не се многу примамливи, истите се движат од 29 илјади денари, до 39 илјади денари.

Една од позициите за кои бараат кандидати со овој оглас на Владата е Самостоен референт за контрола на материјално - финансиски документи, како и Самостоен референт за услуги со фиксна и мобилна телефонија, потоа Самостоен референт за ликвидатура за обработка на финансиско - материјални документи. Се бара и Самостоен референт за набавка на прехранбени производи и пијалоци... Заедничко за овие позиции е што плата на избраните кандидти ќе изнесува 29.669 денари.

Малку повисоки плати Владата обезбедува за позицијата Помлад соработник за сајбер безбедност во Одделение за информатичка технологија и поддршка. Платата за избраниот кандидат ќе биде 32.012 денари. Исто толкава плата ќе зема и избраниот кандидат за местото Помлад соработник за контрола на набавките на стоки, услуги и работи по договори, како и Помлад соработник за собирање и анализа на податоци за подготовка на евиденции и извештаи.

Меѓу највисоките плати на овој оглас ќе ги добијат избраните кандидати за позициите: Советник за финансиско - материјално работење, Советник за вработување, Советник за внатрешна ревизија. Нивните плати ќе изнесуваат 38.222 денари.

Повеќе околу позициите за кои се бараат кандидати, но и условите кои треба да ги исполнат лицата на веб страната на Агенција за администрација.

Условите за пријавување на огласите се горе доле слични како и за повеќето државни функции. Се бара кандидатите да се државјани на Македонија, активно да го користат македонскиот јазик, да се полнолетни, здравствено способни и без судска забрана за вршење професија. 

Дополнително, потребни се:  активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, положен испит за административно управување, активно познавање на англиски, француски или германски јазик  и положен правосуден испит. 

Се бара кандидатите да имаат високо образование, за дел од позициите работното искуство не е задолжително, но за дел е задолжително.

Работното време за сите позиции е слично, осум часа во текот на денот од понеделник до петок.

Рокот за пријавување на дел од огласите истекуваат деновиве, но за друг дел трае и во наредните десетина дена. Сите детали на веб страната на Агенцијата за администрација.

По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, НБРСМ, Собранието, Министерството за транспорт, како и Управата за јавни приходи - УЈП, Министерство за финансии, Генерален секретаријат на Владата на Македонија...

Фактор објави дека според последниот извештај на Агенцијата за администрација е забележан остар раст на одлуките за избор на нови примени административци во 2025 година. Бројот на избрани кандидати за една година е зголемен за неверојатни 132,62 отсто.

Инаку неодамна УЈП имаше нов оглас за вработување.

Она што зачудува е што повеќе никој не спомнува дека државната администрација треба да се намали, иако ова беше една од главните теми пред промената на Власта. Дополнително, точниот број на вработени во администрација не е јавно објавен, но често беше посочувано дека има превработеност.

П.О.

Слично

Поврзани вести