Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛАДАТА ПРЕКУ ЈАВЕН ОГЛАС ЌЕ БИРА ДИРЕКТОРИ НА ДВА ИНСПЕКТОРАТИ - кои кадри ќе седнат на раководните позиции на Пазарната и Трудовата инспекција

ВЛАДАТА ПРЕКУ ЈАВЕН ОГЛАС ЌЕ БИРА ДИРЕКТОРИ НА ДВА ИНСПЕКТОРАТИ - кои кадри ќе седнат на раководните позиции на Пазарната и Трудовата инспекција

За десетина дена ќе се знае кој ќе застане на чело на два значајни државни инспекторати. Владата преку јавен оглас ќе именува директори на Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд. На веб страницата на Владата се распишани два огласи за именување на директори чии рокови истекуваат во исто време, односно на 16 декември.

Тоа значи дека сите заинтересирани кандидати за овие две директорски функции треба да се пријават на огласот најдоцна до петок идната недела.

Засега нема информација колку кандидати на овие огласи се пријавени или ќе се пријават и дали меѓу нив се и имињата на актуелните в.д. директорки Анета Симеска Димоска и Јована Тренчевска. Набргу ќе се знае дали изборот  би бил само формална процедура  со која би се потврдиле нивните директорски позиции, или, пак, ќе се прави избор меѓу некој од останатите пријавените кандидати. Исто така, интересно ќе биде да се види дали овие огласи имаат врска и со влезот на Алтернатива во Владата и големиот број на раководни позиции што им беа дадени во замена за поддршка на актуелната власт.  

Во моментов со пазарната инспекција раководи в.д. директорката Анета Симеска Димоска, која на таа позиција беше назначена во мај оваа година, откако еден месец претходно Владата го разреши од функцијата главен пазарен инспектор Стојко Пауновски, поради, како што тие напишаа - непрофесионално однесување, а главната причина беше неговиот „пркос“, односно одбивањето да прими на работа вработени преку Рамковниот договор, бидејќи не ги исполнувале потребните квалификации за соодветните работни места. И покрај бројните реакции во јавноста и петициите од вработените во ДПИ, од Владата решија да не попуштат и да го сменат Пауновски, по што, по нецел месец пауза, на владина седница, за вршител на дожноста директор на ДПИ беше именувана Симеска. Таа во последниве неколку месеци имаше полни раце работа во Пазарната инспекција, впрочем како и дотогаш, главно поради големиот број владини мерки околу работењето на локалите, а поврзано со спречување на ширење на коронавирусот.

Деновиве, пак, пазарниот Инспекторат е ангажиран со сериозни контроли низ трговските објекти, за да проверува дали трговците ја почитуват владината одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, и да ги санкционира оние кои нема да го почитуваат и ќе ги зголемуваат цените на штета на граѓаните.

И Државниот инспекторат за труд има дама на раководната позиција, односно Јована Тренчевска, која за в.д. директорка на таа институција беше именувана во октомври 2020 година. Тоа значи дека таа повеќе од една година раководи со ДИТ, кој ги лови прекршувањата на Законот за работни односи и ги штити работничките права.

Едно од тие права што сега е актуелно е и К 15, па по завршувањето на новогодишните празници Трудовиот инспекторат ќе почне со сериозни контроли во фирмите за кои ќе добијат претставки од работниците дека не го исплатиле регресот за годишен одмор. Директорката на ДИТ, Тренчевска, неодамна за Фактор појасни дека претставките по неисплатен регрес за годишен одмор најчесто се поднесуваат во првите три месеци по истекот на рокот за исплата, односно 31 декември во тековната година за која треба да се исплати.

За ланскиот К 15 ДИТ притиснл многу газди кои не сакале да го сторат тоа, да го исплатат, а за тоа говорат и следниве податоци. Во периодот јануари-март годинава до ДИТ биле поднесени вкупно 502 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година. Донесени се 191 решение, од кои 161 опомена и 30 наредби за неисплата на К-15. Од страна на работодавачите по 131 решение со опомена е постапено и исплатен е регресот за годишен одмор. За 30 работодавачи кои не постапиле по решението со опомена при контролен надзор, е донесено решение со наредба. Од донесени 30 решенија  со наредба, по 27 е постапено  во рокот кој е даден во решението и е исплатен регрес за годишен одмор на работниците.

Инаку, во јавните огласи кои ги објавила Владата стои дека за директор на Државниот пазарен инспекторат, како и за прв човек на Државниот инспекторат за труд може да бидe именуванo лицe кое ги исполнува следните услови: да е државјанин на Република Северна Македонија, не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII степен од областа на економијата, правото, бизнис, администрацијата, машинската, електротехничката, технолошката струка или друга соодветна струка поврзана со надлежностите од членот 8 од Законот, има минимум пет години работно искуство и поседува меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години.

„За Директор не може да биде именувано лице кое е член во органи и тела кои ги избира или именува Собранието или Владата или соодветната единица на локалната самоуправа“, стои во огласот. Во него се наведени и дополнителните критериуми што треба да ги исполнува потенцијалниот кандидат за директоркако и коефициентот за пресметување на плата што следува за оваа позиција е утврден согласно Одлуката за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата. Рокот за пријавување на огласот е 15 дена, сметано од  денот на објавувањето на огласот во дневниот печат.

Набргу ќе се знае кој ќе ги добие директорските места на двата инспекторати.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести