Владата повторно ќе се промовира со народни пари: околу 292 илјади евра за видеа, фотографии и кампања
Владата планира нова набавка за снимање, фотографирање и промоција на проектите финансирани од државата. Генералниот секретаријат бара фирма која во следните 18 месеци ќе изработува видео и фото содржини, текстови, графики и план за објавување на владините проекти. Според планот за набавки, за оваа услуга се планирани околу 292 илјади евра.
Тендерот предвидува видеа за 840 проекти, со снимки од најмалку две фази на реализација. За најмалку половина од проектите се бара и дронска снимка. Видеата треба да имаат монтажа, графички елементи, титлови и нарација на македонски и албански јазик.
Покрај тоа, се бараат и најмалку 4.200 фотографии, односно по најмалку пет фотографии за секој проект. Во пакетот влегуваат и текстови, наслови, кратки информации за проектите, дизајн на носечки фотографии и стратегија за објавување преку социјални мрежи, веб-страници, телевизии и печатени медиуми.
Документацијата покажува дека условите за учество повторно се поставени за фирма со сериозен капацитет. Понудувачот треба во последните три години да има приход од најмалку околу 292 илјади евра. Се бараат и најмалку пет договори со ист или сличен предмет на набавка во последните три години, од кои најмалку еден треба да биде вреден минимум околу 243 илјади евра.
Покрај финансиските услови, се бара и бројна екипа. Фирмата треба да располага со најмалку еден режисер, три монтажери, три сниматели, три фотографи, три графички дизајнери, три проект менаџери и три копирајтери.
Слични услови имаше и лани, кога договорот го доби фирмата „Фрајдеј комуникации“ вреден 380 илјади евра. И тогаш се бараа најмалку пет договори со ист или сличен предмет, како и тим со режисер, монтажери, сниматели, фотографи, графички дизајнери, проект менаџери и копирајтери.
Посебно интересен е начинот на избор. Според тендерската документација, цената носи 40 бодови, а квалитетот 60 бодови. Тоа значи дека најниската цена нема сама да го одлучи победникот, туку голем дел од изборот ќе зависи од оценката на креативното и комуникациското решение.
Филип Костов
