ВЛАДАТА ПОТВРДИ: Командант Хоџа има ангажман и месечна плата од 36.000 денари
По барањата на медиумите Владата да се изјасни по тврдењата на Џезаир Шаќири познат како командат Хоџа дека е поставен за советник на премиерот во областа на безбедноста, конечно официјално е потврдено.
Владата преку соопштение до медиумите пишува дека Поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Џезаир Шаќири е времено ангажиран како Надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија.
Меѓудругото, потврдуваат дека Џезаир Шаќири, има времен договор со времетраење од една година, со висина на примања од 36.000 денари месечно.
Командант Хоџа е учесник во воениот конфликт од 2001 година, ги раководеше припадниците на УЧК во Арачиново, а потоа често влегуваше во отворени политички судири со раководството на ДУИ.Кулминација за Шакири на македонската политичка сцена беа тврдењата дека припадник на Агенцијата за разузнавање која е под надлежност на претседателот Иванов имал контакти со вооружената група која беше дел од нападот во кумановско Диво Насеље за што сега се води судски процес за тероризам.
