Владата потврди дека побарала признавање од „Константинопол“
Владата ја потврди информацијата дека Премиерот Зоран Заев испратил писмо до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј со кое бара признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, но ги негира шпекулациите објавени во македонските медиуми дека МПЦ-ОА, ќе се откаже од придaвката “македонска“ за возврат за признавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА.
- Премиерот Зоран Заев има испратено замолница за решавање на децениското црковно прашање. За други информации надлежен е Синодот на МПЦ-ОА. Во секој случај не сме барале бришење на името „македонска“, велат од Владата за Религија.мк
И портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, Владиката Тимотеј, вели дека се класични шпекулации пишувањата во гласилата.
- Ние испративме писмо за решавање на статусот на МПЦ-ОА. Никој во МПЦ нема да се откаже, ниту барал какво било откажување од уставното име на МПЦ-ОА. Како некоја од грчките цркви нам ќе ни се обраќа е нивна работа, ние сме и Македонска православна црква и Охридска Архиепископија, вели владиката Тимотеј, за Религија.мк.
Претходно, медиумите објавија дека МПЦ и Владата барале признавање на МПЦ за автокефална црква под името „Охридска и на јустинијана прима архиепископија“, притоа повикувајќи се на информации од грчкиот портал Ромфеа.
МПЦ-ОА уште во 2007 година одлучи на своето уставно име да ја додаде Охридска Архиепископија, како можност за блокот грчки цркви да и се обраќаат под тоа име.
