Владата остави телефонски број, повредените и најблиските од трагедијата во Кочани ќе може да се јават во секое време
Владата објави дека отвора телефонска линија за директна комуникација, управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, која ќе биде активна од понеделник, 09.06 и ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства во несреќата со пожарот во Кочани.
Телефонската линија 070 355 526 пред сè е наменета за повредените и за нивните најблиски – за лицата кои се лекуваат во кочанската болница и кои се соочуваат со последициците.
„Телефонскиот број е нов канал за директна комуникација со повредените и нивните семејства.
Преземањето на овие активности не се заклучоци донесени од канцеларија – тие се резултат на директна комуникација на терен, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која во изминатиот период работеше во непосреден контакт со семејствата и со медицинските тимови. Секое укажување и секој ненагласен апел – се земени предвид и вградени во оваа нова фаза на поддршка.
Во првата фаза, ги повикуваме сите повредени и нивните семејства да се јават, да ги изнесат своите барања кои ги имаат, предлози и конкретни потреби. Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање, и со персонализиран пристап за секој случај.
Сигурно ќе се постави и прашањето, зошто ова се прави сега?
Затоа што оваа Влада верува дека поддршката не смее да биде еднократна, туку таa е процес. Затоа што знаеме дека здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден – и дека пред сè, им беше потребно време да се посветат на своето закрепнување. Кога се во состојба на закрепнување и имаат нови барања и потреби ние сме целосно подготвени да им излеземе во пресрет за сите останати состојби со структуриран, отворен и достапен механизам“, рече владината портпаролка Марија Митева.
