Владата нема право на грешки пред ЕУ
Европската комисија нема да толерира грешки кај новата влада на Република Македонија и доколку не се спроведат неопходните реформи од планот 3-6-9 препораката за земјата ќе биде одложена, па наместо во април повторно ќе има евалуација и ќе биде претставена во октомври или ноември следата година. Ваквата загриженост доаѓа откако Алсат М објави писмо кое в.д. амбасадорот Станковски од Брисел го упатил до владата во кое ги посочува главните грижи на ЕК, како и забелешките кои се нотирани, а засега се разгледуваат на неформален начин.
Европската комисија очекува квалитетни решенија за реформите во сферата на медиумите кои треба да донесат слобода на изразувањето и информирањето и јакнење на независни медиуми, но засега има застој и несогласување по ова прашање.
Во документот на нашата амбсада се алармираат македонските власти да избегнуват да носат контроверзни одлуки во следниот период, оти како што пишува во документот, европската комисија нема да ги поддржи и ќе упати критички тонови.

Постои и загриженост дека во Собранието ќе се насочат голем број на законски решенија кои не се од суштинско значење за реформирање на правниот систем и враќање на демократијата. Тука спаѓа и законот за употреба на јазиците кој за да се донесе во скратена постапка беше означен како итен со европско знаменце. Тоа и претходно не било прифатливо за Брисел, а беше потврдено и од самиот еврокомесар Јоханес Хан дека не е приоритет туку треба да се работи на поитни мерки.
ЕК ќе внимава многу и на начинот на кој се прават и спроведуваат реформи во отворање на тајните служби за да нема понатамошни злоупотреби како со прислушувањето. Реформскиот процес кој во јануари следната година треба да ги даде првите реализирани форми постои опасност и да задоцни поради стартот на дебатата за носењето на буџетот во Собранието која исто така ќе одземе многу време.
По објавата на писмотот следеше и реакција од Министерството за надворешни работи од каде истакнаа дека Македонија сериозно ги разгледува забелешките кои Европската комисија ги нотира како пропусти на новата влада. Сепак, постои увереност дека досега ЕК има позитивни оценки за работата на владата и вложените напори во реформскиот процес и се може да се постигне преку јавна дебата и согласност за новите мерки.
Самиот притисок на ЕК е позитивен бидејќи владата која се декларира како двигател на евроатлантските интеграции ќе мора да работи подобро, поефикасно, поодговорно за да не ги повтори грешките на претходната влада кога бевме закочени на меѓународен план.
