ВЛАДАТА НЕ РАЗГОВАРАЛА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОПИСОТ, ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР ЌЕ ГО ИМА СТАТИСТИКА - се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани
На вчерашната владина седница не се разговарало за продолжување на пописот. Последниот збор околу продолжувањето ќе го има Државниот завод за статистика, рече на денешната пресконференција владиниот портпарол Душко Арсовски.
Според него, сите капацитети се насочени кон тоа оваа статистичка операција да биде завршена во законскиот рок, односно до утре вечер. Во моментов се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани, и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје.
„Последниот збор ќе го има Државниот завод за статистика, информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концетрација на население“, рече Арсовски.
Тој додаде дека сите расположливи капацитети на попишувачи се на терен, и ги посетуваат домаќинствата кои досега не биле посетени.
Оваа активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е до утре, четврток, до 20 часот.
