Долгорочната цел на проектот е да се создадат врвни инженери од повеќе области од коишто бенефит би имала научно-истражувачката дејност во Македонија, но и целокупната економија.
Владата на Заев ќе ја формира гимназијата за математичари на Груевски
Идејата на екс премиерот Никола Груевски да се формира Специјализирана национална математичка гимназија во Македонија, сепак ќе ја реализира Владата на премиерот Зоран Заев која реши да го продолжи проектот и да не го прекинува.Груевски елитната гимназија за математичари ја најави лани летото.
„Никогаш математиката сама за себе не била цел туку суштинска алатка за постигнување други цели и отворање на значителни можности. По примерот на многу земји предвидуваме отворање на специјализирана национална математичка гимназија, која ќе нуди образование по посебни наставни планови и програми креирани и одобрени од Биро за развивање на образованието и поддршка од Природно-математичкиот факултет и МАНУ, кои ќе бидат дел од вонредниот наставен кадар и поддршка на редовниот“, истакна тогаш Груевски.
Замислата беше гимназијата за најдобрите математичари да биде отворена годинава заедно со соодветен кампус за учениците, како и можност за дисперзирани студии во други градови.
За таа цел и екс министерот за образование Спиро Ристоски беше во посета на елитната математичка гимназија во Белград, засилено се работеше на проектот, но потоа се засили политичката криза, следеа избори и сосема различна разрешница на настаните со смена на власта. Секако, добар потег е и на СДСМ тоа што било добра идеја и издржан проект од претходната власт да го продолжи или пак сега да го реализира, а не да го прекине само затоа што дошло од устата на за нив политичкиот непријател Груевски.
За да бидеме попрецизни засега со одлука на влада само е разгледана информацијата за основање на Специјализирана национална математичка гимназија во Скопје, и за тоа е задолжено Министерството за образование и наука да подготви анализа и да достави предлог со активности за основање на истата.
