Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ќе се справува со озаконетото задолжување за клиничкиот центар Мајка Тереза

Владата ќе се справува со озаконетото задолжување за клиничкиот центар Мајка Тереза

Министрите во Владата на Република Македонија денеска ќе го разгледаат Предлог - законот за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и регионалната клиничка болница во Штип.

Пред три години Собранието го усвои Законот за задолжување на РМ кај Банката за развој при Советот на Европа кој е услов за склучување Рамковен договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип, но актуелната Влада има друг план и смета дека е попрактично Центарот да се изгради во Бардовци крај Скопје.

Заемот е во износ од 97 милиони евра, со рок на отплата од најмногу 20 години, со грејс период од 5 години. Првата транша требаше да се повлече во рок од 12 месеци од влегувањето во сила на Рамковниот договор за заем и не требаше да надмине 50 проценти од вкупниот износ на заемот.

Тогаш пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека реализацијата на проектот ќе даде значаен придонес во спроведување на здравствените реформи преку креирање нова мрежа современи регионални болници и обезбедување оптимални услови за терцијарната здравствена заштита согласно европските стандарди.

Инаку министерот за здравство, Венко Филипче неодамна објасни дека, новата локација е избрана во договор со Асоцијацијата на архитекти и Клинички центар треба да биде лоциран таму.

- Очекуваме дека за две години, Општина Карпош и Градот Скопје ќе го подготват теренот за да се почне со изградба на габаритен објект кој би се градел околу пет години. Разгледувавме неколку локации кои се доволно големи, каде што освен зградата на Клинички центар ќе се сместат и Медицинскиот факултет, истражувачки центар и кампус за студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем кој на некој начин ќе биде мал медицински град, ќе биде достапен лесно за граѓаните на Скопје и целата држава, со соодветни пристапни патишта , додаде Филипче.

На денешната седница Владата ќе ги разгледа и информациите за склучување на Договор за доделување на финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции со повеќе компании во Република Македонија.

На предлог на Министерство за надворешни работи на денешната седница ќе биде ставена на дневен ред Информацијата за актуелните состојби и поважни политики на ЕУ во 2017 година, на Министерството за правда е предлагач на Информацијата за реализација на Договорот меѓу Република Македонија и ЕВРОПРАВДА (EUROJUST).


Слично

Поврзани вести