Владата ќе носи закони за новите заштитни мерки, Собранието во дилема дали да има онлајн седници
Владата на вчерашната седница единствено само ги разгледа долгонајавуваните предлог-мерки од Комисијата за заштита од заразни болести, меѓу кои и оние за задолжитечно носење на заштитна маска на отворено и ограничување на бројот на гости во следниот период на максимум четири лица, односно за забрана за групирање на прослави.
Од таму останува заклучокот дека само ќе се носат законски измени за нивно уредување. За нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти да се уредат предложените мерки во смисол на спречување на појавата, рано откривање, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките.
„Владата ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема (бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата), секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со исклучоците кои опфаќаат спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст.
За забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе; како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено“, гласи соопштението на Владата.
Во меѓувреме во Собранието, каде што евентуално треба да се гласаат овие закони, постои дилема дали да се обезбедат онлајн седници во Законодавниот дом. Власта смета дека поради ковид-кризата, која инаку може да спречи присуство на пратениците, треба да се искористат онлајн алатките за гласање и расправа од дома. Опозицијата пак смета дека тоа е кршење на Уставот и дека според истиот задолжително е физичко присуство.
