Владата ќе го разгледува купувањето канцеларија во НАТО
Владата денеска на агендата на точка на дневен ред го стави Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година како и Предлог-законот за извршување, а меѓудругото ќе ја разгледа и информацијата со Предлог-одлука за купување и адаптација на канцеларија во новото седиште на НАТО за потребите на Мисијата на Брисел.
Владата веќе го задолжи Министерството за финансии со ребалансот на буџетот за 2019 година да обезбеди 3.116.000 евра, од кои 2.316.000 евра за еднократно плаќање кон НАТО, на име купување простории за Мисијата на РСМ при НАТО.
Од вкупната сума, 800.000 евра ќе бидат наменети за адаптации но истото ќе се плаќа на рати, при што со новиот буџет за 2020 година да обезбеди буџетски средства во износ од 500.000 евра за доплаќање на име адаптации, како и 120.000 евра за режиски трошоци за 2020 година, вклучително и 7.000 евра за трошоци за одржување ИТ-опрема за 2020 година.
Министерството за финансии при планирањето на буџетските средства е задолжено да ги има предвид и обврските на институциите од земјава, кои се учесници во Мисијата на РСМ при НАТО во Брисел, кои ќе се стекнат со канцелариски простор во Мисијата.
