Владата ќе го менува директорот на затворот Идризово
Владата ќе го менува Шпенд Тахири, директороот на затворот Идризово, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
- Не сум задоволен од работата на директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда и веќе почнав процес на селекција на нов директор, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Ваквата иницијатива доаѓа по филмското бегство на затвореникот Беким Мемети за што на вработени од „Идризово“ им е определен притвор осомничени дека го овозможиле истото.
Промената на директорската функција во Управата, како што појасни Ковачевски, нема да биде на седница на Владата утре туку на некоја од наредните седници.
- Сега, врз основа на неколкуте пропусти што се направени, ќе имаме нов директор на Управата за извршување санкции, додаде Ковачевски.
Истовремено пристигна и извештајот од надзорот извршен во КПД „Идризово“ од страна на Министерството за правда, од кад што известуваат дека припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот се суспендирани на своите работни места.
Притворениот командира воопшто не го информирал директорот на затворот дека Мемети ќе биде спроведен на лекување, а констатирано е и дека чуварите не се однесувале протоколарно кон осуденикот.
„Имено, за да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, за неговата здравствена состојба мора да се подготви упат од здравствен работник, т.е. лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана. Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба ,Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана.
Следното правило што не е испочитувано е што осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, истото по предлог на командирот било сместено во вториот дел на седиштата помеѓу два припадника на затворската полиција. Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен“, се вели во заклучоците.
