Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ќе ги вади дефокусираните пратеници

Владата ќе ги вади дефокусираните пратеници

Неизгласувањето на предлог мерките на Народниот правобранител од страна на пратениците дојде со многу смешен и неприфатлив изговор од координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев. Партискиот „камшик“ посочи дека пратениците во салата биле деконентрирани и не биле фокусирани па затоа пропуштиле да ги изгласаат предлозите со кои треба да се засили заштитата на човековите права. 

„Имаше доволно пратеници во салата, но можеби дека беше прва точка, пратениците беа дефокусирани, па не гласаа. Ние сме категорично за реформите, веќе се договоривме оваа грешка да биде исправена. Извештајот на народниот правобранител со мала формална измена ќе се најде повторно на дневен ред и ќе биде усвоен идентично“, рече Тунтев на прес конференција по неуспешната седница.

Ваквиот изговор е банален и наиде на жестоки критики во јавноста бидејќи освен гласање што друго имаат да работат пратениците за време на една седница на која јасно се поставени предлозите и тоа од страна на Обдусманот, а не некоја противничка пратеничка група. Тоа не е прифатливо ниту за Народниот правобранител.

„Имаше доволен број пратеници, но на гласањето не гласаа сите за да помине извештајот“, кажа Мемети и обвини за дрско кршење на Законот за народен правобранител, според кој што Собранието треба да биде заштитник на народниот правобранител и да обезбеди гаранција дека Владата ќе работи на сите забелешки и предложени мерки од Обмудсманот, што е и стандард и барање поставени од Рајнхард Прибе.

За забелешките на Иџет Мемети за неажурноста на пратениците најпогоден е очигледно пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ кој преку Фејсбук му порача дека тој имал најмалку право да говори за човекови права бидејќи чекал да биде реизбран на Црниот понеделник.

„Најмалку право да збори за човекови права има актуелниот народен правобранител Иџет Мемети кој молчеше и чекаше да го изгласаат за втор мандат на црниот понеделник. Мандатот му беше поважен отколку човековите права толку на таа тема. П.С Пратениците ќе го исправат пропустот а Иџет Мемети нема да може никогаш да го смени фактот дека молчеше и без срам беше реизбран на Црниот понеделник“, пишува Зекири.

Додека некој додава масло на огнот на целокупната смешна ситуација, од Владата се обидуваат да ја „вратат топката во свој посед“ и ветија на вчерашната седница дека ќе работат на унапредување на слободите и човековите права и ќе преземат активности за спроведување на препораките на Народниот правобранител за унапредување на човековите права, откако пратениците беа збунети и не гласаа за препораките на Омбудсманот.

„Во врска со годишниот извештај на Народниот правобранител Иџет Мемети за состојбата со човековите права во Македонија во 2016 година кој е доставен до Собранието, Владата донесе заклучок дека се обврзува посветено да работи на унапредување на состојбите со човековите права во интерес на сите граѓани на Република Македонија и по доставените препораки од Народниот правобранител, Владата ќе преземе активности за нивно спроведување согласно Законот за Народен правобранител на Република Македонија“, се вели во соопштението.

Дел од мерките на Мемети се укинување на гумените куршуми, поголема внатрешна контрола во МВР; стопирање на извршителите да блокираат сметки, подобрување на условите во затворите, надградба на системот Мој термин во здравството и многу други.

Слично

Поврзани вести