Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛАДАТА И ГОДИНАВА ЌЕ ПОКРИВА ТРОШОЦИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ И ДИСТРИБУЦИЈА НА ВЕСНИЦИ – еве ги деталите од огласот

ВЛАДАТА И ГОДИНАВА ЌЕ ПОКРИВА ТРОШОЦИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ И ДИСТРИБУЦИЈА НА ВЕСНИЦИ – еве ги деталите од огласот

Владата го објави огласот за поддршка на печатените медиуми преку субвенции со кои ќе покрива дел од трошоците за печатење и дистрибуција на весниците. Јавниот повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2026 година е објавен на нивната веб страна и истиот ќе биде отворен до 20 март.

-  Право на учество на јавниот повик имаат дневни, неделни, месечни и локални печатени медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални теми и прашања, регистрирани на територијата на Република Северна Македонија кај надлежен орган, определен со закон– стои во јавниот повик. 

Како што е нагласено печатените медиуми треба да достават документирани докази за направените трошоци за печатење и дистрибуција за 2025 година. Исто така треба да достават потврда од УЈП за платени јавни давачки за 2025 година, потврда од тековна состојба на субјектот од Трговски регистар и Регистарот на други правни лица. Меѓу другото се бара потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена забрана за учество во постапки за јавен повик, или казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност.

Компаниите кои ќе сакаат да се пријават на огласот мора да имаат и потврда дека не е отворена постапка за ликвидација издадена од надлежен орган, како и потврда за регистрација во Регистарот на издавачи на печатени медиуми од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги

Сите детали за најновиот оглас за субвенционирање на печатените медиуми може да се видат и на веб страната на Владата.

Во огласот не е наведено колку средства се планираат годинава за поддршка на весниците, ниту колку парични средства ќе добијат, туку само процентуалната висина на трошокот кој ќе биде покриен.

Односно како и претходните години, висината на средствата за печатените медиуми на македонски јазик ќе достигнува до 50 проценти од трошоците за печатење и дистрибуриање. Додека пак, весниците кои се печатат на албански јазик ќе добијат финансиска поддршка во висина од 70 отсто од трошоците за печатење и дистрибуција.

- Поддршката за печатење и дистрибуција на печатените медиуми ќе се врши од предвидените средства од член 28-а став (3) од Законот за медиуми така што на дневните печатени медиуми кои се издаваат на македонски јазик им се доделуваат средства во висина од 50% за направените трошоци за печатење и во висина од 50% за направените трошоци за дистрибуција, а на дневните печатени медиуми кои се издаваат на јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат припадниците на заедниците кои се најмалку 20% или помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија загарантирани со Уставот, во висина од 70% за направените трошоци за печатење и во висина од 70% за направените трошоци за дистрибуција.

Средства во висина од 70% за направените трошоци за печатење и 70% од направените трошоци за дистрибуција ќе им се доделат и на неделните, месечните и локалните печатени медиуми, согласно со доставените документирани докази за календарската 2025 година, а во зависност од бројот на поднесените барања – се наведува во огласот.

Последните години, не се објавува сумата која се планира за финансиска поддршка на весниците, за разлика од правите години, дополнително истата е значително скратена.

Имено, во текот на 2024 година за субвенции за весниците беа издвоени 10 милиони денари, или малку над 162 илјади евра. Ова беше најниската сума на финансии планирана за поддршка на весниците. 

Овој тип на субвенции почна да се применува во 2018 година, кога за истата беа потрошени 690 илјади евра. Следната, 2019 година сумата се зголеми на скоро 714 илјади евра, за веќе во 2020 година да се намали на скоро 487 илјади евра. 

Во 2021 година за поддршка на весниците беше одвоена слична сума, но 2022 има значително намалување на средствата и тоа на 324 илјади евра.

П.О. 

Слично

Поврзани вести