Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство, ќе има измени во постапката за избор на јавен обвинител
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство.
Владата на денешната редовна 140-та седница го усвоила предлог Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики. Со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет. Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители“, велат од Владата.
На овој начин како што велат се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува
појасна одговорност во работењето на обвинителството.
