Владата го повлече законот за дивоградби од Собранието
Владата на денешната седница донесе одлука за повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Предлогот се наоѓа во собраниска процедура, а од таму велат дека ваквото решение се носи.врз основа на известувањето за спроведените активности поднесено од Министерството за транспорт и врски
„Во известувањето, кое го прифати Владата беше изнесено дека во изминатиот период ресорното министерство (МТВ) организираше работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и учествуваше во јавни дебати организирани од страна на останати субјекти, на кои беа дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување“, соопштуваат од Владата.
Од таму дополуваат дека Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки.
Претходно овој закон беше вратен во Собрание по одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот со кој овој закон требаше да стапи на сила.
