Владата ги избра кандидатите за Стразбур: Апостолски, Бошкова и Георгиевски
Владата на денешната 141-ва седница ја усвои листата на кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Номинирани се тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
Со ова, постапката влегува во следната фаза. Министерството за надворешни работи(МНР) сега има обврска да побара мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа. Овој панел треба да оцени дали предложените кандидати ги исполнуваат строгите пропишани критериуми за оваа престижна функција.
Откако ќе пристигне мислењето од Стразбур, Комисијата повторно ќе ја достави листата до Владата, по што конечниот предлог ќе биде испратен до Парламентарното собрание на Советот на Европа, кое го врши последниот избор.
