ВЛАДАТА БАРА ТРОЈЦА ЕКСПЕРТИ ЗА СОВЕТОТ ЗА ИНОВАЦИИ - потребно е сериозно искуство во големи и меѓународни проекти
Владата на Македонија објави јавен оглас за избор на тројца членови на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, кои ќе бидат избрани од редот на домашни и меѓународни експерти.
Мандатот на идните членови на советот ќе трае две години, со можност за реизбор. Огласот е распишан согласно Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, а рокот за пријавување истекува на 3 јануари 2026 година.
Сите заинтересирани кандидати кои би сакале да бидат дел од овој Совет, ќе можат да се пријават ако се експерти од областа на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемништвото. Воедно се бара да имаат завршено најмалку високо образование (мастер или докторат – дополнителни сертификати се сметаат за предност), исто така да имаат минимум пет години работно искуство во соодветната област.
Сепак, од идните членови на Советот се очекува да поседуваат искуство во менаџирање со проекти, при што предност ќе имаат кандидати со повеќе од 10 години искуство или со работа на големи и меѓународни проекти. Воедно заинтересираните треба добро да го познаваат англискиот, францускиот или германскиот јазик на најмалку ниво Б2, да немаат изречена судска забрана за вршење професија или дејност.
Што се однесува пак до меѓународните експерти, од нив се бара искуство во работа со различни региони или меѓународни тимови. Покрај формалните услови, ќе се оценуваат и комуникациски вештини и способност за работа во мултикултурна средина, докажани професионални резултати, етика и интегритет, способност за работа под притисок и решавање комплексни проблеми, како и подготвеност за патувања, теренска работа или релокација, доколку проектите го бараат тоа.
На членовите на Советот им следува надоместок по присуство на седница, чија висина ја утврдува Владата. Заинтересираните кои ќе сакаат да аплицираат ќе треба со пријавата да достават и кратка биографија (CV), мотивациско писмо, докази за образование, работно искуство и проектно менаџирање, сертификат за познавање странски јазик (Б2), уверение дека немаат судска забрана, дополнителни документи за професионални резултати, препораки и признанија.
Документите се доставуваат до Архивата на Владата, а рокот за аплицирање е до 3 јануари 2026 година. Огласот е објавен на веб-страницата на Владата и на Агенцијата за иновациска дејност.
П.О.
