Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛАДАТА БАРА ДИРЕКТОР НА ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА: замена за Рамадани - 'треба да се знае кој е газда на своја земја'

ВЛАДАТА БАРА ДИРЕКТОР НА ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА: замена за Рамадани - 'треба да се знае кој е газда на своја земја'

Владата објави јавен оглас за именување директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, орган во состав на Министерството за локална самоуправа. Избраниот кандидат ќе раководи со институцијата во мандат од четири години.

За директор може да биде именувано лице кое е државјанин на Македонија, против кое не е изречена правосилна казна затвор или забрана за вршење професија, дејност или должност и кое има завршено високо образование со најмалку 240 ЕКТС кредити или VII/1 степен. Дополнително, кандидатите треба да имаат најмалку шест години работно искуство по дипломирањето во соодветната област.

Еден од условите е и активно познавање на странски јазик, односно кандидатите треба да поседуваат меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик или на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија – англиски, француски или германски – најмалку на ниво Б2. Како валидни се прифаќаат сертификати како ТОЕФЕЛ со најмалку 74 бода, ИЕЛТС со најмалку 6 бода, Cambridge English: Legal или Cambridge English: First, БУЛАТС со најмалку 60 бода или АПТИС со ниво Б2. Кандидатите треба да имаат и потврда за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење.

Со пријавата кандидатите треба да достават кратка биографија, мотивациско писмо, план и програма за идна работа, уверение за државјанство, доказ дека не им е изречена забрана за вршење професија, диплома за завршено образование, доказ за работно искуство и сертификат за познавање странски јазик, како и потврда за работа со компјутер. Документите треба да бидат доставени во оригинал или во копија заверена кај нотар.

Пријавите со потребната документација се доставуваат до архивата на Владата или по пошта на адреса булевар „Илинден“ бр.2 во Скопје, со назнака дека се однесуваат на огласот за именување директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа. Рокот за пријавување е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во дневниот печат, а некомплетната или ненавремено доставена документација нема да биде разгледувана.

Платата за оваа функција се пресметува врз основа на коефициент утврден со одлука за платите на функционерите кои ги именува Владата, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Инаку досегашен директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа беше Хаќим Рамадани, које беше претставник на коалициониот партнер ВРЕДИ. 

Рамадани беше и кандидат за градоначалник на Општина Брвеница, и тој во изборната кампања на средба со иселеници во Хамбург, Германија, рече дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“, и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец.

Ова секако поттикна реакции во јавноста, но и меѓу коалиционите партнери, бидејќи постоел договор за меѓусебна поддршка, а на неговата изјава реагираше и премиерот Христијан Мицкоски кој најави дека Рамадани ќе биде разрешен од позицијата. 

Откако ги изгуби изборите од кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, Рамадани на неговиот Фејсбук профил објави дека е невработен и бара работа во приватни компании.

– Од денеска сум невработен. Дипломиран економист сум. Барам работа само во приватни компании - напиша Рамадани по изборите. 

П.О.

Слично

Поврзани вести