Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛАДА: ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА, ПОМОШ ЗА СЕМЕЈСТВАТА - експерти од НАТО ќе утврдуваат како дојде до кобниот пожар во тетовската модуларна болница

ВЛАДА: ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА, ПОМОШ ЗА СЕМЕЈСТВАТА - експерти од НАТО ќе утврдуваат како дојде до кобниот пожар во тетовската модуларна болница

Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на денешната вонредна седница донела одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.  

„За денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре (четврток, петок и сабота), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.

Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена“, соопштија од Владата.

На седницата министрите за внатрешни работи и за здравство информирале за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнале дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска.

„Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел таа да биде обезбедена во најкраток временски рок.

Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово“, се вели во владиното соопштение.

Слично

Поврзани вести