Влада: Субвенционирањето на „етнички вработувања“ ќе биде за оние што се подолго време невработени
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција рече дека во Оперативниот план на Агенцијата за вработување за 2021 ќе има и програма за субвенционирање на вработувања по етнички критериум во приватните компании, но само за лица кои се долго време надвор од работниот процес.
- Субвенции или поддршка ќе добиваат оние компании кои што ќе вработуваат лица според одредени критериуми кои што ќе се најдат на таа листа и на тој начин ќе биде направен изборот. Целта и фокусот се сите граѓани кои што се засегнати со оваа мерка а се подолго време надвор од работен процес, без разлика на етничка, религиозна, полова, расна или друга разлика, рече Арсовски.
Во Оперативниот план на Агенцијата за вработување ќе бидат предвидени 1, 516 милијарда денари и ќе бидат опфатени 10.279 лица. Арсовски повеќе за имплементацијата на мерките и програмите најави дека повеќе детали треба да даде министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
„Владата синоќа ја усвои одлуката за почитување на принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот“, стои во вчерашната одлука на владината седница.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ова го протолкува како субвенционирање на правична застапеност во приватни компании, а првиот вицепремиер Артан груби дури и објави фотографија од продажно-услужен салон на еден голем телекомуникациски оператор.
