Влада: Пауновски три пати е известен, еднаш не се јави да разговара
На Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски три пати писмено му било испратено известување дека не постапил во случајот со преземањето на рамковно вработените од Министерството за политички систем и за односи меѓу заедниците, објави попладневно на твитер Владата преку профилот на портпаролот.
„Пауновски е детално информиран за неговото непостапување – ДПИ доби дописи на 5, 10 и 21 април од министерствата за политички систем и информатичко општество и администрација. Имаше и повеќе усни укажувања.“, пишува на Твитер профилот на портпаролот на Владата.
Од таму додадоа и дека во меѓувреме Пауновски не побарал средба, не разговарал и не предложил начин на решавање на евентуалните предизвици.
Ова соопштение од Владата следи по изјавата на Пауновски за Алсат, дека не добил никакво укажување од Владата за неговото однесување.
