Влада: Парламентарното мнозинство е стабилно, на земјата не и се потребни предвремени избори
Претставници на сите партии од парламентарното мнозинство потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно, соопштуваат од Владата.
На покана на премиерот Зоран Заев денеска во Владата се одржа средба на претставници на сите политички партии кои го сочинуваат парламентарното мнозинство во Парламентот.
„Сите партнери од парламентарното мнозинство беа присутни на средбата и изразија поддршка на Влада од ова парламентарно мнозинство. Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот. Заеднички се констатираше дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не и се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции на Северна Македонија“, стои во соопштението од Владата.
Коалиционите партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување.
