Влада: Ги охрабруваме институциите да ја испитаат имотната состојба на Рашковски
Владата останува на ставот дека нема прекршување на процедурите кога станува збор за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци за МВР од тогашниот генерален секретар Драги Рашковски, кој денеска си поднесе оставка како функционер во премиерскиот кабинет.
- Потенцираме дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура, во целосна согласност со Законот за јавни набавки. Институциите имаат потреба од тој софтвер и истиот е набавен по намалена сума низ тендерската постапка. Тој софтвер е тестиран, исправен и функционален и нашите институции ќе го користат, а бенефит ќе имаат граѓаните и нивната безбедност, рече денеска Душко Арсовски, портпаролот на Владата.
Арсовски потврди дека Рашковски неотповикливата оставка ја депонирал писмено, а Владата истата му ја прифатила, по низата контроверзи кои го следеа, вклучувајќи ја и неговата имотна состојба, откако во јавноста излегоа информации дека поседува автомобил од 74.000 евра и парцела на која ќе гради вила како имот на име на неговите малолетни деца.
Владиниот портпарол рече дека Владата не е надлежна да ја испитува имотната состојба на Рашковски, туку ги охрабрува институциите кои се надлежни, да го сторат тоа.
