„Вистина, лаги и лајкови“ - втор Истражувачки филмски фестивал во Скопје
Второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, ќе се одржи од 25 до 27 октомври во Кино Култура. Фестивалот го организира ПИНА, Платформата за истражувачко новинарство и анализи и партнерите ФЕС. На второто издание ќе се разгледува вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век.
„Водечка тема ќе биде „Truth, lies & likes - „Вистината, лагите и лајковите“. Ако порано „лагата шеташе половина свет, додека вистината уште ги облекуваше чевлите“, денес технологијата ѝ дава инстант билет на лагата до секоја точка на Земјата, додека вистината уште се бори да игра по старите правила во новата дигитална ера. Заедно со низа позитивни аспекти и безброј можности, онлајн-сферата донесе и феномени како лажните вести, отворено поле за политичка пропаганда, манипулации, спинови и уште полесно наметнување на разните агенди од центрите на моќ. Борбата за јавниот интерес и потрагата по вистината како главна мисија на новинарството, стануваат сѐ потешки, велат организаторите.
Годинава на фестивалот ќе има врвни новинари истражувачи од BuzzFeed News, GoogleNews Lab, La Republicca, Welt, Lupiga. Сите ќе ги споделат своите искуства и филмови.
Влезот за сите настани ќе биде бесплатен, а целосната програма и сите детали за настаните на ИФФС2 ќе бидат објавени наскоро. Фестивалот ќе трае три дена.
