Вилијам Михајловски: Доколку можев да соберам толку луѓе, сега ќе бев пратеник
Кој фактор сум јас во оваа држава да соберам толпа народ, па уште и да ја предводам, изјави денеска во судница Вилијам Михајловски, обвинет за настаните од 27 април.
„Доколку можев да соберам толку луѓе, сега ќе бев пратеник и ќе бев амнестиран. Во Собранието нè пречекаа со отворени врати. Недостасуваше уште шведска маса и сè да биде на ниво“, вели Михајловски обвинет за насилниот упад во Собранието на 27 април.
Михајловски тврди дека на критичниот ден пред Собранието дошол само со еден пријател, што е спротивно на обвинението на ОЈО, во кое се вели дека тој бил еден од организаторите на толпата граѓани при упадот.
Михајловски вели дека го повлекла атмосферата и толпата луѓе кои ги следел, а за кои не знаел каде одат бидејќи не го познавал Собранието.
За 27 април беа обвинети 33 лица од кои 15 беа амнестирани, меѓу кои се најдоа и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои беа обвинети за отворање на собраниските врати, како и пратениците Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски. Со Законот за амнестија опфатени беа и предводниците на протестите „За заедничка Македонија”, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
