ВИКТОРИЈА СИМАКОСКА: Во моето семејство филигранскиот занает нема да згасне
Педесет и пет годишната Викторија Симакоска од Струга вели дека иако многу занаети имаат тажна судбина и ќе изумрат, тоа нема да се случи со филигранот со чија изработка се занимава повеќе од 20 години, а занаетот го пренела на своите деца.
По општествено - политичките промени во земјава, оваа жена останала без работа, по што самоука врз основа на филигранот кој го имала од својата баба почнала и самата да прави изработки. Потоа се ределе изложби, од 2001 година почнува да работи професионално, а денес изработува филиграни по нарачка за свадби, веселби, годишници од брак, родендени.

„Кај мене во семејството занаетот нема да изумре, затоа што ова сум го пренела на моите поколенија. Оние филиграни кои сум ги изработила ќе им го греат домот. Кај нас проблем е стандардот, и луѓето не можат да си дозволат да купат. Некои дури ми велат „Многу се убави, да имам пари сите ќе ги купам“ или „За сите купив за подарок, но за мене не купив“. Странците купуваат мали парчиња, заради транспортот се ограничени и нив не ги интересираат филиграни со големи димензии“- вели Симакоска.

Таа објаснува дека најважен е талентот за да се биде успешен во овој занает.
„Талент мора да има и ништо не е тешко ако се работи со љубов. Се случи ќерка ми да згреши и сакаше да го фрли парчето, но тоа се коригира, ништо не се фрла. Ова е вистинска уметност. Колку време ќе се изработува еден филигран зависи од големината, дали е релјефен, а оние што се сложени може да се изработуваат месец до два“- објаснува Симакоска.
Купувачите најчесто бараат филиграни во форма на пеперутки и крстови. Симакоска вели дека има доста луѓе кои се занимаваат со овој занает.

Таа деновиве ги искористи Струшките вечери на поезијата како можност да го презентира и продаде она што го изработила. За заработка, вели дека од филигранот може да се живее, но скромно.
Филигранот како занает има долга историја, а на овие ремек дела луѓето им се воодушевуваат и ден денес.
Сања Атанасовска