Викендашите и понатаму остануваат заглавени во селата, последни се според приоритетите
Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, на денешната прес-конференција рече дека обезбедување пристапност до малите планински села е последна на листата на приоритети за чистење на завеаните патишта, дури и ако таму има викендаши кои не можат да си заминат дома.
„Денеска временската прогноза е многу прецизна, граѓаните да ја следат пред да патуваат, особено ако одат на повисоките места. Доколку во некое планинско село патот не е исчистен, тоа е така затоа што не е стигнато на ред.
Прво се чистат автопатите, а малите села со по неколку жители остануваат на крај. Самите луѓе го знаат тоа, тоа е традиција и тие се подготвуваат за пречек на зимата. Проблем се туристите, таму ќе отидат не сметајќи дека може да заврне снег“, рече Ангелов.
Директоро на ЦУК додаде дека од Лазарополе биле извлечени 12 викендаши кои останале заглавени, иако имале добри теренски возила. Во координација со „Македонија пат“, во доцните попладневни часови патот бил исчистен и лицата можеле да си заминат.
„На бројот 195 може да се јави секој и во согласнот со нашите можности ќе превземеме мерки доколку станува збор за животозагрозувачка состојба или повреди и ќе испратиме хеликоптер доколку го дозволуваат временските услови тоа. Доколку не може, ние ќе испратиме возило или гасеничар кој може да стигне по снег во најодалечените места, може да се користат и санки, но само ако им е загрозен животот или здравјето“, кажа Ангелов.
