ВИКЕНД БРИФ: Владата ќе се рекламира само на фејсбук - Јанакиески во Шутка, две лица со мерки на претпазливост
* Владата ќе се рекламира само на фејсбук, нема кампањи во медиумите
Останува одлуката Владата да не се рекламира и да не финансира
кампањи во домашните медиуми со што ќе се одбегне какво било влијание,
но во иднина Владата планира да се рекламира на фејсбук и на другите
социјални медиуми. Од владиниот тим за односи со јавност велат дека
годишно за оваа намена ќе се потрошат многу помалку пари отколку
владиното трошење на реклами во медиумите за време на претходната власт.
Се тврди дека сумата ќе е симболична, но не се соопштуваат детали.
* МВР: Над петстотини сообраќајни незгоди со потешки последици во првите четири месеци од годината
Скоро секој ден се случува по најмалку една сообраќајна незгода со посериозни последици, со повредени или кога има причинета поголема материјална штета, и покрај сите укажувања и педупредувања од надлежните возачите продолжуваат со својот начин на невнимание и брзина.
Министерството за внатрешни работи вели дека во првиот квартал од тековната година се случиле 560 сообраќајни незгоди со потешки последици. Само во изминатите неколку дена на патот Штип-Радовиш, Ресен –Охрид и во Скопје се повредени неколку лица учесници во сообраќајот како последица на незгода предизвикана од сообраќајка.
* Две лица од осoмничените од полициската акција со мерки на претпазливост
Две лица од осомничените, кои вчера беа уапсени по наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, добија мерки на претпазливост наместо притвор.
Обвинителството, откако осомничените дале исказ пред судија на претходна постапка во основниот кривичен суд Скопје, обвинителот кој постапува по предметот за две осомничени лица го повлекол предлогот за определување мерка притвор. Надлежниот обвинител му предложил на судот за нив да бидат одредени мерки на претпазливост.
* Јанакиески се враќа во Шутка, притвор за седум другиТриесетдневен притвор за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште седум други осомничени во најновата истрага на Обвинителството за организиран криминал која се однесува на злоупотреби со оттуѓување на државно градежно земјиште. Судија на претходна постапка го врати Јанакиески во затворот во Шутка, а по сослушувањето, синоќа, притвор им е одреден и на Димитар Димовски, вработен во министерството за транспорт и член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на партијата во Аеродром. За две осомничени Кривичниот суд определил мерки на претпазливост .
* СЕМЕЈНА ДРАМА: Струмичанка се обидела да го отруе својот сопруг
На почетокот од месецов струмичанка се обидела да го отруе својот сопруг, ставајќи му отров во кафето. Триесет и деветгодишна жена во семејниот дом во село Иловица, сварила кафе, а потоа во него ставила отров. Откако сопругот го испил кафето, излегол во дворот и паднал во бессознание, но за среќа преживеал.
На осомничената одредена ѝ е мерка притвор од 30 дена.Таа се сомничи за кривично дело „убиство во обид“.